Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска информира дека одржал партиски останок на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии.
-Претпладнево одржав состанок на кој ги поставивме контурите на рамката врз која ќе го градиме коалицискиот потенцијал со останатите партии и каде фокусот ќе бидат луѓето на прво место: економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.
Тој додава дека очекувањата се големи, и оти поради тоа одговорноста кон народот е уште поголема.
Состанокот следува по вчера одржаните Парламентарни избори на кои според првичните резултати на ДИК Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 106.991 13 мандати, Левица 6 пратеници, а исто толку има и Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.
Во исто време вчера се одржаа и Претседателските избори на кои победи универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова, која ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
Сиљановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот вторт круг од Претседателските избори, го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски. Според првичните резултати на ДИК, Сиљановска-Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).