Мицкоски: Новата влада не може да интервенира во цената на струјата, но ќе ја поевтиниме од 1 јануари ако се покачи согласно одлуката на техничката влада

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати цената на струјата со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од 1 јануари, но сега не може да интервенира, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски.

За укажувањето од експертите дека новата влада може веднаш да понуди пониска цена по која ЕСМ ќе ја продава струјата на универзалниот снабдувач и дека може да покрива 100 проценти од потребите на потрошувачите на регулираниот пазар, а не 85 проценти како што е предвидено со одлуката на техничката влада, рече дека тоа не е можно, бидејќи тендерот за набавка на струја од ЕВН е веќе распишан и треба да заврши до петок.

-Јас би сакал да слушнам какво е тоа решение и одма ќе го имплементираме ама да не го загрозиме снабдувањето на потрошувачите. Ако се прекине тендерот ќе го загрози снабдувањето на потрошувачите, затоа ветувам дека при следно нивелирање на 1 јануари цената на струјата ќе биде вратена со тенденција да ја намалиме, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека универзалниот снабдувач, кој претходно имаше маржа 11 проценти, сега има маржа 9,9 проценти, што значи, посочи, дека кога сето тоа ќе се стави во конечната формула очекувам да нема поскапување на цената на електричната енергија за крајните корисници.

Според него, друг проблем е што цената на дистрибуцијата, односно на ниско напонското ниво на кое е сопственик ЕВН и цената на преносот на државната компанија МЕПСО се нивелираат еднаш годишно.

Прочитајте и:  Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата е зголемена за 5%, продолжува растот на платите до минимум 46%

-Тоа е на почетокот на годината, не може сега да ги нивелираме односно на пола година. Само цената на електричната енергија со која што компанијата која конкурира на тендерот ја испорачува до снабдувачот може да се нивелира. Тоа е во случајот ЕСМ. ЕСМ нема според закон обврска да испорача 100 проценти, дури нема обврска николку проценти да испорачува. Поентата е дека сето она кое сега се случува може да се коригира и ќе се коригира на 1 јануари, потенцира Мицкоски.

Најави дека уште во првите работни денови на новата влада ќе има странска инвестиција во енергетиката од 450 милиони евра и дека потоа во првите 100 дена ќе следуваат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции, како и кредитот влада со влада од една милијарда што веќе го најави, кој, како што кажа, ќе значи голема ликвидност за буџетот и пари кои што ќе бидат наменети за капитални инвестиции.

-Уште на почетокот ќе имаме една огромна странска инвестиција во делот на енергетиката. Таа би требало да се случи уште во првите два – три работни дена на новата влада, со што Македонија ќе биде енергетски независна. Тоа е огромна инвестиција во обновливата енергија, 400 – 450 милиони евра нешто што се нема случено во регионот и тоа претставува мој личен приоритет, час поскоро таа инвестиција да се заврши. Тоа само ќе покаже кои се вистинските намери на оваа влада и јас тука немам никаква дилема дека во тој дух ќе продолжиме, нагласи Мицкоски.

- Реклама -