Порача дека новоизбраното раководство нема да може да биде додадена вредност на политичката сцена, но и дека очекува оти опозицијата ќе продолжи со конструкции, измислици, ниски страсти и дневни навреди
Не сум импресиониран од раководството што вчера е избрано на конгресот од членовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го изборот на највисоките тема на СДСМ на вчерашниот конгрес и посочи дека дури е и разочаран од изборот оти смета дека тие луѓе нема да можат да бидат конструктивна опозиција на политичката сцена во државата.
„Членовите на Конгресот или на општинските организации на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Ние не можеме да кажеме какво раководство треба да има СДСМ. Тие одлучиле дека такво раководство заслужуваат“,
вели премиерот.
Порача дека новоизбраното раководство нема да може да биде додадена вредност на политичката сцена, но и дека очекува дека опозицијата ќе продолжи со конструкции, измислици, ниски страсти и дневни навреди.
Посочи дека претстојните локални избори ќе бидат тест за новото раководство на СДСМ.
„Тогаш ќе видиме дали ова ново раководство ќе понуди или нема да понуди нешто ново на тие избори. Би сакал да бидат конструктивен партнер на политичката сцена. За жал, морам да констатирам дека не сум импресиониран од кадровската понуда“,
кажа тој.
На вчерашниот 30. Конгрес на СДСМ е избрана нова заменик-претседателка на партијата, Фани Каранфилова-Пановска.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека таа е човек со кој се познава долго време и оти во себе ги носи и цврсто верува во социјалдемократските вредности.
На Конгресот е избран и Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата се очекува да биде избрано целото ново раководство на партијата.