Мицкоски најави проект за набавка на стотина електрични автобуси за Скопје и за другите градови што имаат јавен превоз

Прашан зошто набавката на нови автобуси три години не била ставена на гласање на Советот на Град Скопје, како и за тврдењата на градоначалничката дека сите опции биле дадени на располагање дури и власта да ги постави условите, а таа само да го потпише договорот, премиерот вели дека тоа што се нудело на маса не е решение

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва од Белград рече дека Владата е во фаза на анализа на проект за набавка на 100 до 120 електрични автобуси кои освен за Скопје, би биле распределени и во останатите градови во земјава во кои има јавен градски превоз. Ваквата најава доаѓа во момент кога Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ претходните два дена беше во целосен колапс поради недостиг на нафта за автобусите.

„Набргу од денеска ќе излеземе со нов предлог-проект. Анализираме каква е расположливата моќ на Буџетот за набавка на 100 до 120 електрични автобуси заедно со 50-ина полначи, коишто ќе бидат распределени не само во Скопје, туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби ќе биде 70:70, ќе видиме, сè уште размислуваме и ја анализираме оваа ситуација и убеден сум дека набргу од денеска ќе изнајдеме решение со коешто драматично ќе го олесниме јавниот превоз во Скопје и во другите општини кои имаат јавен градски превоз“,

изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

Прашан зошто набавката на нови автобуси три години не била ставена на гласање на Советот на Град Скопје, како и за тврдењата на градоначалничката дека сите опции биле дадени на располагање дури и власта да ги постави условите, а таа само да го потпише договорот, Мицкоски вели дека тоа што се нудело на маса не е решение.

„Прво, ние (ВМРО-ДПМНЕ) не сме мнозинство во Град Скопје, мнозинството се други коалициони партнери, таму има директори на градските претпријатија коишто доаѓаат од политичката партија Левица, или блиски до политичката ДУИ, блиску до поранешен градоначалник на една скопска општина, директори кои се поставени од други моќници кои сега не се присутни во Градот Скопје итн. Таму е многу, би рекол, сложена ситуацијата, така што тоа не е решение. Тоа коешто се нуди на маса да се позајми треба и да се земе и да се купат 20-30 автобуси, тоа не е решение. Ние зборуваме за сериозен пристап којшто ќе значи прво намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата и во воздухот, а второ нешто што ќе биде одржливо на подолг рок“,

рече Мицкоски.

Говорејќи за состојбата со ЈСП „Скопје“, на кое Владата му позајми 250 илјади литри гориво за да може да функционира следната недела, премиерот рече дека според информациите на Бирото за јавни набавки, одобрено е барањето на ЈСП за спроведување итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање.

„Така што, ЈСП треба час поскоро да влезе во овој процес и да ги набави количините коишто се потребни за нормално функционирање на компанијата, бидејќи овие 250 000 литри ќе бидат доволни за 10 дена, две недели, три недели, но нема трајно да го реши проблемот“,

додаде Мицкоски.

Владата вчера одлучи дел од државните резерви на гориво да му префрли на ЈСП „Скопје“ за автобусите да може повторно да се вклучат во сообраќај откако два дена не возеа поради недостиг на нафта.

- Реклама -