Мицкоски и Перински на средба со Арсовска во Владата

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Како што информира владината прес-служба, средбата ќе се одржи во 15:30 часот во Владата.  По средбата, изјава за медиуми ќе даде министерот Перински.

Премиерот Мицкоски пред неколку дена изјави дека е подготвен  за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.  Нагласи дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од  годишните одмори.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Град Скопје во петокот попладнето со допис до медиумите го повика премиерот Мицкоски „да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот“.

Градските власти во соопштението наведоа дека очекуваат и потврда за предлогот за формирање заедничко работно тело помеѓу Владата и Град Скопје.

-Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата на Р. Македонија, во корист на граѓаните на градот Скопје, стои во соопштението.

- Реклама -