Убеден сум дека тој ги исполнува условите, зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Документот е издаден од 2022 година, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа Агенција, тоа е сосема друго прашање, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски ќе бара одговорност од директорот на АНБ Бојан Хрситовски само ако соодветна институција констатира пропусти во неговото назначување на функцијата. На новинарско прашање за информациите објавени во бугарски „Фактор“ дека Христовски поседува лажен ТОЕФЛ сертификат, бидејќи во Пловдив не постои такво јазично училиште, Мицкоски ја повика Антикорупциската комисија брзо да го истражи случајот.
„Тврдам дека сите услови согласно закон се исполнети. Едииствен орган којшто треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија која ја повикувам да го истражи брзо овој случај. На брза трака нека го стави овој случај како прв приоритет“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека има разговарано со Христовски на оваа тема и уверен е дека тој ги исполнува условите.
„Убеден сум дека тој ги исполнува условите. Зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Документот е издаден од 2022 година, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа Агенција, тоа е сосема друго прашање,“
додаде Мицкоски.
Одговорност како што кажа ќе бара ако тоа го констатира ДКСК , а не опозицијата.
„Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во броба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Но, притисокот којшто доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ и ДУИ кои треба да не натераат да работиме под пристиок, дополнително ме мотивира. Дополнително ме мотивира кога кодошко-удбашки инсталации од СДСМ и ДУИ напаѓаат чесни луѓе кои си ја сакаат и работат за својата татковина“,
посочи премиерот Мицкоски.
Од СДСМ уште еднаш потенцираа дека назначувањето на Христовски е преседан и упад во безбедносниот систем на државата.
„Откако се потврди она што СДСМ го кажуваше, дека Христовски ги нема потребните сертификати за да биде директор, се докажа дека тој прави грубо кршење на законите. Институциите кои се столб на нашата безбедност се злоупотребуваат во интерес на политичката агенда на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова не смее да се дозволи“,
кажа Менде Илиевски од СДСМ.
Вчера бугарски „Фактор“ објави дека на посочените адреси во Пловдив, каде што Христовски тврди дека го добил ТОЕФЛ-сертификатот, нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работи онлајн. Во телефонски разговор лицето, кое одговорило на бројот објавен во брошурата, посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање таков сертификат.
„Проверката на интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. Сепак, во огласениот леток на компанијата никаде не се споменува дека обезбедува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за ТОЕФЛ“,
пишува „Фактор.бг“.