Мицкоски: Имаме докази за сите закани и уцени кои беа вршени врз пратениците кои гласаа за уставните измени

Мицкоски: Имаме докази за сите закани и уцени кои беа вршени врз пратениците кои гласаа за уставните измени
Поседуваме докази за сѐ што сме кажале. Сето она што беше како доказ кое ВМРО-ДПМНЕ го поседува и сето она што го има како информација за делувањето на поранешни, но и сегашни членови на партијата, за делувањето на осумте пратеници кои тој петок дадоа поддршка за почнување на процесот за уставни измени беше презентирано пред членовите на ЦК, тоа е внатрешна работа на ВМРО-ДПМНЕ и тоа за нас е затворен случај, изјави синоќа Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за ТВ Алсат.

Тој рече дека кога ќе дојде време овие докази ќе бидат предаадени и на судските органи, а ќе бидат презентирани и пред јавноста.

Во однос на писмото на Сашо Мијалков, Мицкоски вели дека политички се разотишле и не сакаше да ги коментира обвинувањата изнесени во неговото писмо затоа што се работи за внатрепартиски работи. „Немам што да додадам ниту што да одземам“, одговори Мицкоски.

Тој синоќа изјави дека по подолго време го повикал Никола Груевски на средба по информациите дека почесниот претседател на партијата треба да оди во затвор. За Мицкоски нема дилеми дека се работи за политички прогон.

„Тој е изложен на политички прогон од власта. За што е тој осуден 2 години затвор? За „мерцедесот“ купен во негово време, во кој се извозил неколку пати, а се возеле и сега се возат и други“.

Тој додаде дека и другите процеси против Груевски се политички прогон.

„Го судат за шамари, а шамари немало, и да не ги набројувам другите обвиненија, да оставиме судот и времето, се надевам, да покажат дека се работи за политчки прогон“, рече Мицкоски.

Mkd.mk

- Реклама -