Мицкоски: Ако имате корумпирани судии во Врховниот суд тогаш можете да замислете што се случува надолу, затоа довербата е два проценти

Ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд, тогаш можете да замислите што се случува надолу. Истрагата потврди дека не е само врховниот судија, туку спогодба со Обвинителството постои и кај Иџет Мемети, претседател на Советот на јавни обвинители и затоа довербата е два проценти. Се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали е задоволен од изречените казни на Иџет Мемети и Наќе Георгиев после спогодбата со Обвинителството.

Мицкоски потенцираше оти е задоволен што во техничката влада МВР спровело акција, која покажала дека имаме корумпирани судии во највисокото тело – во Врховниот суд.

-Прво, сакам да изразам задоволство што во техничката влада МВР спроведе перфектна акција кога за првпат на дело покажа дека имаме корумпирани судии во највисокото тело, тоа е Врховниот суд и ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд тогаш можете да замислите што се случува надолу. Понатаму, во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија, туку и лицето за кое што исто така постои спогодба со Обвинителството, а тоа е Иџет Мемети како претседател на Советот на јавни обвинители. Јасна е спрегата меѓу судско обвинителскиот систем кај нас. Затоа довербата е два проценти, затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија со други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од „Бихаќка“ и од Речица. Се’ додека имаме тефтерчиња и се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави денеска Мицкоски по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје.

Прочитајте и:  Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера склучи Предлог – спогодба со осомничениот судија во Врховен суд, Наќе Георгиев, за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Георгиев прифатил да му биде изречена казна затвор од три години, и забрана за вршење на професија.

Претходно и членот на Советот на јавни обвинител, Иџет Мемети се спогодил со Обвинителството. Признал дека примил награда за противзаконито влијание, во случајот во кој првоосмничен е врховниот судија Наќе Георгиев. По спогодбата Мемети е осуден на условна казна и доби забрана за вршење на дејност во рок од три години.

Осомничени за примање награда за противзаконито влијание, на  Мемети  му се закануваше казна затвор од една до пет години, а на Георгиев од една до десет години.

- Реклама -