Мицкоски: Ахмети по овие избори треба да оди во опозиција

Денеска затвораме една историска епизода, затоа што тоа што го видов низ Македонија, тоа што го почувствував, таа енергија, таа емоција која доаѓа од народот на Македонија е навистина голема. Народот се обединува околу желбата за промени и сега од нас зависи колкав ќе биде интензитетот на тие промени и колкав ќе биде бројот на пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но и за идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Лозово.

Тој  упати апел масовно да се излезе во среда и на тој начин, како што рече да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте.

-Задутре во среда треба да ни биде прва цел, да се излезе масовно и на тој начин да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте и во ИЕ 3 Али Ахмети да има пратеник. Али Ахмети после овие избори треба да оди во опозиција и заедно со тие малкумина кои сеуште му се верни од раководството на ДУИ да одговараат за се што и направија на Македонија, рече Мицкоски.

Пред граѓаните на Општина Штип, Лозово се обрати и носителот на листата за пратеници на ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки, кој истакна дека за развој на општините во Програмата е предвидено 250 милиони евра секоја година од централниот буџет до општините.

-За општина Лозово имаме еден милион и 200 илјади евра, кои значат нови инфраструктурни проекти само во Лозово. Сите овие проекти што се ставени во програмата верувајте дека тие ќе бидат реализирани. Зошто? Затоа што кога ВМРО-ДПМНЕ нешто ќе вети, ќе стави на хартија, ВМРО-ДПМНЕ тоа го реализира. Тоа не е желботека, туку ставено е во програма затоа што тоа го дознавме од вас граѓаните кога имавме акции на терен, затоа што ВМРО секогаш е на терен, потенцираше Ковачки.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Тој исто така додаде дека луѓето од актуелната власт не ги интересираат граѓаните, туку ден повеќе на власт, па затоа потребна е сила поддршка на 24 април за Гордана Силјановска Давкова  и 8 мај за пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со цел работите да почнат да се менуваат на подобро.

-Ќе ве потсетам. Кога последно биле овде овие од власта на СДС и на ДУИ? Кога последен пат бил Пендаровски? Кога последен пат бил Ковачевски. Дали воопшто биле тука во Лозово? Дали ве прашале како ви е како живеете? Со што се соочувате и какви проблеми имате? Очигледно не, затоа што нив не ги интересираат граѓаните, туку нив ги интересира како да останат еден ден плус на власт и тоа мора да го промениме, порача,Ковачки. Караванот на ВМРО ДПМНЕ за престојните претседателски и парламентарни избори се обрати и пред граѓаните на Општина Карбинци. Завршните митинзи за првиот круг на претседателски избори на ВМРО ДПМНЕ се вечерва во Пробиштип и Штип. 

- Реклама -