Мичио Каку: Ќе оствариме контакт со вонземјани во текот на веков

Познатиот теоретски физичар (и футурист) Мичио Каку, минатата недела одржа AMA сесија (Ask Me Anything) на Reddit. Одговарајќи на едно од многуте прашања, тој рече дека смета дека ќе оствариме контакт со вонземјаните во текот на овој век.

 

На прашањето за вонземска цивилизација, Каку рече вака:

„… Јас лично имам чувство дека во рамките на овој век ќе оствариме контакт со вонземска цивилизација, и тоа наслушнувајќи ги нивните радио комуникации. Но зборувањето со нив ќе биде тешко, бидејќи може да се оддалечени десетици светлосни години. Па, во меѓувреме, ќе треба да го дешифрираме нивниот јазик за да го разбереме нивниот степен на технологија. Дали се Тип 1, Тип 2 или Тип 3? [Се мисли на трите категории според скалата на Кардашев, која мери технолошки развој на цивилизациите врз основа на нивото на енергија што го користат за комуникација]. И кои се нивните намери? Дали се експанзивни (освојувачки) и агресивни, или мирољубиви?“, продолжува Каку.

Физичарот не ја исклучува можноста вонземјаните да слетаат на тревникот во Скопје пред Влада… Се шегуваме, секако дека зборува за тревникот пред Белата Куќа во Вашингтон (во сите филмови доаѓаат прво таму, нели)… И лично да се претстават, но смета дека шансите за такво нешто се екстремно мали, бидејќи ние за нив веројатно сме како шумски животни.

* * *

Многу научници и мислители, меѓу кои и Стивен Хокинг, предупредија на опасноста од нашите обиди да контактираме вонземјани, а неодамнешните анкети го рефлектираат тоа: Иако најголем дел од луѓето би биле воодушевени од откритието на вонземски живот, исто така најголем дел не сакаат тоа да се случи на планетава, т.е. не сакаат еден ден да се разбудиме со небо покриено од вонземски бродови.

А зошто радио сигнали?

Кога Каку зборува за слушање на „радио комуникациите“ на вонземјаните, веројатно мисли на тоа што трагачите по вонземјани го викаат теснопојасни сигнали, т.е. тие што се шират само преку мал дел од радио должината на електромагнетниот спектар – т.е. тие кои се широки не повеќе од само неколку херци. За споредба, бучавата што потекнува од галаксиите, пулсарите и другите космички ентитети обично се протега преку широк дел од спектарот. Оттаму, теснопојасните сигнали може да се знак на намерно изграден транзистор, објаснуваат од институтот SETI (Search for extraterrestrial intelligence).

Што се однесува до скалата на рускиот астрофизичар Николај С. Кардашев, објаснувањето оди вака: Колку една цивилизација е поголема и пософистицирана, толку повеќе енергија ќе користи. Затоа во 1964 Кардашев предлага нивото на таа енергија да се користи како показател.

Скалата на Кардашев почнува со Тип 1 – тоа е цивилизација која може да ја собере и користи целата енергија на домашната планета (ние на Земјата сме тука некаде); продолжува со Тип 2 – цивилизација што може да ја користи целата енергија на матичната ѕвезда (кога ние би ја користеле целата енергија од Сонцето, на пример), до Тип 3 – цивилизација која може да ја контролира целата енергија во својата матична галаксија (кога ние би располагале со целата енергија од Млечниот Пат, на пример).

Сликовито.

Теснопојасните сигнали „имаат многу енергија во многу мал спректрален простор, па затоа се најлесни за откривање во било кое ниво на енергија“. Така, ако вонземјаните ни пратат сигнал, овие сигнали веројатно би имале барем една теснопојасна компонента што ќе ни го привлече вниманието, објаснуваат од SETI.

АМА сесијата на Реддит

 

 

- Реклама -