Металург, Турново и Тетекс ги играат реванш натпреварите во Лига Европа

Турново е со најреални шанси од нашите претставници во пресрет на денешните реванш натпревари од квалификациите за Лига Европа.

Откако одигра нерешено 2-2 на гостувањето кај Судува во Литванија, Хоризонт Турново има реални шанси да дојде до следното квалификационо коло.

Натпреварот помеѓу Турново и Судува се игра на Филип Втори Арената со почеток во 17:30 часот.

Доколку нашиот претставник го оствари посакуваниот резултат, во следното коло ќе игра против Хајдук од Сплит.

Половина час порано, Тетекс ќе го започне натпреварот против Пјуник во Ерменија.

Во првиот натпревар Тетовчани покажаа повеќе од противникот, но на крајот се спасуваа од пораз.

Резултатот 1-1 од првиот натпревар им дава поголеми шанси на домаќините, но Тетекс нема да отпатува со бело знаме.

Во најтешка ситуација е тимот на Металург кој со негатива од 1-0 гостува во Азербејџан кај Карабах.

Според играта и резултатот од првиот натпревар, тимот предводен од Срѓан Захариевски има мали шанси за пласман во следното коло.

Надежда постои, но потребно е многу подобро издание за Карабах да биде изненаден.

Натпреварот помеѓу Карабах и Металург започнува во 18:00 часот.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -