Буенос Аирес, 6 септември 2021 (МИА) – Капитенот на аргентинската репрезентација Лионел Меси ја обвини бразилската страна за заткулисни игри поврзани со прекинатиот натпревар што во неделата вечер требаше да се одигра во Сао Паоло во рамки на јужноамериканските квалификации за Мундијалот 2022.
Јужноамериканското дерби беше прекинато по само три минути игра на стадионот во Сао Паоло поради кршење на Ковид-19 протоколите за карантин.
Бразилски здравствени претставници влегоа на теренот и побараа од тројца аргентински репрезентативци, Кристијано Ромеро, Џовани Ло Селсо и голманот Емилијано Мартинез, да го напуштат стадионот и државата поради кршење на правилата за задолжителен карантин.
„Дојдовме во Бразил со намера да играме фудбал. Пристигнавме и никој ништо не нè информираше дека нешто такво може да се случи. Доколку сакаа, можеа да нѐ депортираат пред три дена, кога пристигнавме. Ова е катастрофа“, изјави Меси за аргентинските медиуми.