Германската канцеларка Ангела Меркел во своето обраќање пред Бундестагот денес порача дека Германија е сè уште на почетокот на пандемијата, и повика на солидарност на ниво на Европската унија и најави зголемување на германските уплати во заедничкиот европски буџет.
„Никој не го слуша тоа со задоволство, но вистината е дека не се наоѓаме во завршна фаза на пандемија, туку на почетокот. Уште долго ќе мора да живееме со овој вирус“, рече Ангела Меркел за време на говорот пред парламентот, кој обично му претходи на секој состанок на врвот на Европската унија.
Меркел предупреди дека кај сегашниот успех во борбата против ширењето на коронавирусот се работи „само за една етапа“ во борбата против пандемијата.
„Сè уште се наоѓаме на тенок мраз, би рекла на многу тенок мраз“, рече таа.
Меркел повторно ги критикуваше некои сојузни покраини за нивното однесување, кои инсистираат на што е можно побрзо и поопсежно олеснување на ограничувањата, како отворање на училиштата или угостителските објекти.
„Однесувањето на некои сојузни покраини ме загрижува. Со олеснувањето одат многу брзо, би рекла пребрзо“, предупреди Меркел.
Германската канцеларка, исто така укажа и на ограничување на граѓанските права за време на коронакризата и објасни дека досега ништо не и паднало толку тешко како навлегувањето во основните права како што е правото на движење или патување.
„Оваа пандемија е товар на демократијата затоа што ги ограничува токму нашите егзистенцијални права и потреби“, рече Меркел.
Таа истакна дека смета дека вакцина треба да биде достапна ширум светот.
„Во оваа борба против коронавирусот, убедена сум дека сега треба да покажеме голема дисциплина за подоцна да можеме што е можно поуспешно да ја придвижиме економијата и да одржиме прифатлива здравствена состојба. Да се наметнат ограничувањата на почетокот на пандемијата, значеше и значи можност ширењето на вирусот да се стави под контрола и со тоа се водев при моите одлуки“, рече таа.
„Нашиот федерален поредок е силен, тоа мора да се потенцира. Но, не смееме да се препуштиме на лажна надеж и да го проиграме она што досега го постигнавме. Да бидеме мудри и внимателни во следната фаза на пандемијата. Ова е трка на долга патека и мора да внимаваме да не останеме без здив“, рече Меркел.
Германската канцеларка вели дека Германија не може да успее ако не успее Европа.
„Да се отвори општество во оваа ситуација бара и сила и имагинација да се воведат нови начини на однесување. Во овој момент не можеме да кажеме како ќе се опорави нашата економија која е загрозена сè додека трае пандемијата. Затоа, беше важно да ја поддржиме нашата економија и нашите работници. Но, сите наши мерки на национално ниво нема да вродат плод доколку не дојде до опоравување на европско ниво. Германија не може да успее ако не успее Европа“, рече таа.
„Сакаме финансиската помош од Европската унија за малите и средни претпријатија да биде подготвена за поделба до 1 јуни“, додаде таа.
„Денес на Европскиот совет ќе расправаме како Европа може брзо да реагира за да ѝ помогне на европската економија. Европската програма за инвестиции во следните две години би можела повторно да ја придвижи економијата. Ваквата конјунктурна програма треба да биде во согласност со заедничкиот европски буџет. Мораме да се запрашаме кои стратешки способности во иднина треба да ги има Европската унија“, рече таа.
„За нас во Германија, Европа е судбоносна определба“, додаде таа.
„Европа не е Европа ако едни на други не си помагаме во вонредни времиња и под закана од долгови“, го заврши говорот германската канцеларка. Нејзиниот говор неколку пати беше прекинат со аплауз.