Меркел доби почесен докторат, овој ѝ е 17-ти

Германската канцеларка Ангела Меркел викендов доби уште еден почесен докторат, овојпат од Школата за менаџмент во Лајпциг. Докторатот ѝ беше врачен во саботата, во зградата на Операта на Лајпциг.

На Меркел, која пред месец и пол наполни 65 години, ова ѝ е вкупно 17-ти докторат. Го стекна со својот карактеристичен стил на политичко лидерство. Меѓу останатите има и три почесни докторати од израелски универзитети, почесен докторат од Универзитетот во Лајпциг, но и докторат од американскиот светски престижен универзитет Харвард. Меркел, инаку, има и докторат по физика, стекнат во 1980-тите години.

Во говорот по повод доделувањето на признанието, Меркел вети дека гостувањата, соработката и пријателствата со универзитетите кои ѝ доделиле почесен докторат ќе продолжат и кога таа нема веќе да биде канцеларка.

Во говорот таа упати и повик за прифаќање и компромис. „Без компромис општеството не може да опстане“, порача Меркел.

 

- Реклама -