Менаџерот на Јувентус суспендиран цела сезона поради местење натпревари

Судскиот случај против вмешаните во најновиот скандал со лажирани натпревари во италијанскиот фудбал конечно ја доби својата разврска.

Во центарот на вниманието беше менаџерот на Јувентус, Антонио Конте, којшто заработи суспензија од десет месеци за својата вмешаност во наместените натпревари на тимот на Сиена, на чие кормило седеше во периодот на лажирањето, во мај 2011 година.

Иако не постоеја докази дека Конте директно учествувал во лажирањето, младиот стратег е казнет бидејќи имал информации за нерегуларности на натпреварите, но не ги пријавил кај одговорните лица во Италијанската Фудбалска Федерација.

Ваквиот развој на настаните претставува и сериозен проблем за Јувентус на дваесетина дена до стартот на новата сезона. Во таборот на „Старата дама“ се надеваа на нешто поблага казна, така што Конте би можел да се врати на клупата кон крајот на сезонава.

Сепак, ваквата казна значи дека шампионскиот тренер ќе ја пропушти целата сезона, па раководството на Јувентус по сè изгледа ќе се откаже од намерата да именува некој од асистентите на Конте како прв тренер, туку ќе ангажира нов искусен стратег за новите предизвици во Серија А, но и во Лигата на шампионите.

Добра вест за Јувентус е што барем двајцата фудбалери на „Старата дама“ вмешани во случајот, Симоне Пепе и Леонардо Бонучи, минаа без суспензии.

- Реклама -