Мемов: Законот за бранители не може да влијае на стабилноста на Владата, ЗНАМ е гарант за тоа

„Сакаме да потенцираме дека СДСМ ја испушти можноста, додека беше на власт, да го понуди овој закон за бранителите и да се донесат сите тие решенија, меѓутоа од февруари го стопираа во собраниска процедура и сега СДСМ подметнуваат кукавички јајца во Собранието“, вели Мемов

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е гарант за стабилноста на владата и така ќе остане во текот на целиот мандат, додека сме учесници, велат од партијата која е дел од владејачката коалиција.

Ваквиот став од Движењето ЗНАМ доаѓа како одговор на новинарско прашање за тоа дали законот за бранителите може да влијае на стабилноста на Владата.

„Тоа значи дека ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан“,

рече партискиот портпарол Никола Мемов.

Според него, овој закон можел и претходно да биде донесен, додека Социјалдемократскиот сојуз бил на власт.

„Сакаме да потенцираме дека СДСМ ја испушти можноста, додека беше на власт, да го понуди овој Закон за бранителите и додека беа на власт можеше да се донесат сите тие решенија, меѓутоа од февруари го стопираа во собраниска процедура и сега СДСМ подметнуваат кукавички јајца во Собранието“,

рече Мемов.

Законот за бранителите изминатиот период предизвика многубројни реакции меѓу политичките партии и во јавноста.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити коментирајќи го законот за бранители предложен од пратеничката од опозициската СДСМ и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска пред два дена од Њујорк порача дека законот за бранителите е провокација и нема да се донесе, како и дека овој закон е заглавен во фиоките на Собранието.

Инаку, откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.  

Петровска денеска на прес-конференција рече дека пратениците на СДСМ ќе бараат Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа дали претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши го прекршил Деловникот за работа на Собранието со незакажувањето на Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.

- Реклама -