Мелбурн оди под шестнеделен строг карантин

Вториот најголем град во Австралија – Мелбурн, оди во строг карантин, пренесуваат светските агенции. Според австралиски Bloomberg, истиот ќе трае шест недели!

Премиерот на државата Викторија – Даниел Ендрјуз, им порача на граѓаните, почнувајќи од среда навечер, да останат дома и да излегуваат исклучиво само за потребите на работа, итни обврски, медицински третмани или образование.

Во домовите не смеат да примаат гости, а школите во погодените подрачја од коронавирусот ќе останат затворени.

Мерката доаѓа откако државата Викторија регистрираше 191 нов случај на Ковид-19 за едно деноноќие – најголем дневен пораст од почетокот на кризата наваму.

 

„Ова се неодржливо високи броеви на нови случаи. На тоа ниво е невозможно да се сузбие вирусот без значителни мерки“, рече Ендрјуз на новинарски брифинг. „Местата кои етапно се отвораа ќе мораат да се вратат исклучиво на систем на достава. Другите бизнис економски субјекти кои беа отворени ќе мора да се затворат“, додаде тој.

Прочитајте и:  Австралија: Милионски казни за социјалните мрежи ако не спречат пристап за лица помлади од 16 години, корисниците ќе треба да се идентификуваат

Минатата недела беше воведен карантин за повеќе од 300 илјади жители на северните предградија на Мелбурн, откако во текот на две недели беше регистриран двоцифрен дневен пораст.

 

 

Гувернерот на Викторија не е оптимист и најави дека ситуацијата попрво ќе се влоши отколку што ќе тргне кон подобрување. Ги повика жителите да го почитуваат карантинот и ги предупреди дека во спротивно ќе бидат казнети.

Во останатите австралиски држави и територии продолжуваат да бидат регистрирани мал број нови случаи, па тие веќе го забранија влезот за жителите на Викторија во нивните граници.

До моментов, според Worldometers, Австралија има вкупно над 8.750 потврдени случаи и 106 починати од коронавирус.

- Реклама -