Негативен е тестот на лицето од Кичево кое денеска беше тестирано од мајмунски сипаници, изјави вечерва за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
„Пациентот е негативен, нема потреба за понатамошна изолација, останува единствено да се третира за основната болест, но како ќе се третира и кога ќе биде укината изолацијата ќе одлучи Центарот за јавно здравке од Битола кој што го води здравствениот надзор“, рече Мехмедовиќ.
Ова беше првиот пациент кај кого постоеше сомневање дека е заразен со мајмунски сипаници, но тој одбиваше да се тестира.
Претседателот на Комисијата за заразни болести – Александар Петличковски, на последната прес-конференција во врска со овој случај потенцираше дека нема законска можност лицето да се присили за тестирање, бидејќи ова не е болест со која следи задолжителна изолација, туку има само препорака. Но, како што рече, постои можност да се побара здравствен надзор.
МИА