– Меѓународната федерација на новинари (МФН) ја осуди пресудата на Основниот Суд Скопје против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска во случајот за клевета кон бизнисменот Кочо Анѓушев, објавена денеска.
Цветковска и ИРЛ на 21 мај 2021 година објавија сторија со наслов „Заговор против воздухот“ во која беше споменат и поранешниот заменик-премиер Кочо Анѓушев. Тој поведе постапка во која пред судот тврдеше дека сторијата претставува навреда и клевета против него.
– За времетраење на процесот, членките на МФН, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) аргументираа дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, затоа што тие вршат работа од јавен интерес, велат од ССНМ.
ЗНМ и ССНМ сметаат дека акцијата против Цветковска претставува СЛАП (стратешка тужба против јавно учество) – односно легално малтретирање на новинари со намера да бидат спречени да си ја извршуваат својата работа.
Новинарското здружение и синдикатот, сметаат дека пресудата претставува неуспех на судијата да го стави јавниот интерес, интересот на граѓаните над приватниот интерес на моќен бизнисмен.
– Новинарството е јавно добро и работа на секој новинар е да ги открива системските грешки. Одлуката на судот против ИРЛ е класичен пример на занемарување на јавниот интерес. Жалиме што судот ја прифати оваа класична СЛАП тужба која беше поведена токму за заплашување и демотивирање на новинарите, вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Заменикот генерален секретар на МФН Тим Доусон потенцира дека задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност.
– За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова, вели Доусон.
Од ССНМ и ЗНМ нагласуваат дека оваа судска одлука влегува во растечкиот глобален број на случаи каде што слободата на изразување е замолчена од неоправдано правно заплашување и финансиско исцрпување на новинарите.
МИА