Минатата недела се одржа годинешнoтo издание на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн -Охрид во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Благодарение на поддршката на Амбасадата на Република Полска во Скопје поканети беа Јакуб Снопек, градски планер и архитектонски истражувач, Паулина Пага, културен антрополог и социјален аниматор и Магдалена Заворска, пејзажен архитект, кои учествуваа на летната школа како ментори и предавачи на работилниците.
Главна тема на еднонеделните работилници, наменети за студентите по архитектура и урбанистичко планирање, беше изработка на решенија за уредување/модернизирање на просторот на модернистички споменик – напуштениот хотел Палас со пет ѕвезди во Охрид, базирани исто така на полското архитектонско и урбано искуство, вклучително и уредување на хотелот Краковија во Краков, изграден во сличен период и архитектонски стил. Учениците меѓу другото имаа можност да ги запознаат креативните полски решенија во ревитализацијата на модернистичките архитектонски споменици.
По завршување на Школата се одржа настан отворен за пошироката јавност на кој беа презентирани студентските концепти изработени за време на работилниците.