Медведев: САД планираат дестабилизација на Русија и скицираат сценарио кое води до нуклеарна војна

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој моментално е заменик претседател на рускиот Совет за безбедност, ги обвини САД дека прават планови за дестабилизација на Русија и скицираат сценарио кое води до нуклеарна војна.

По распадот на Советскиот сојуз, Русија стана цел на „примитивна војна“ во која Русија треба да биде „понижена, исолирана, потресена, поделена и уништена“, објави Медведев на Телеграм, пренесува ДПА.

„И сега да замислиме дека Америка ќе биде успешна во оваа рунда од конфронтацијата. Ова ќе биде резултатот: најголемата нуклеарна сила ќе биде под нестабилно политичко водство, со пропадната економија и максимален број нуклеарни бомби насочени кон цели во САД и Европа“, посочи Медведев.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Кина ќе биде следната жртва на САД, предвидува понатаму тој во објавата, додавајќи дека „и тогаш ќе бидеме на само неколку кратки чекори до најголемата глобална катастрофа – колапс во снабдувањето со енергија и храна, неуспех на сите колективни безбедносни системи и набргу потоа, голема нуклеарна експлозија“.

Односите меѓу Русија и САД се на најниска точка во светло на руската инвазија на Украина. САД, заедно со ЕУ и други земји, наметнаа широк спектар на санкции врз Москва.

МИА

- Реклама -