Да ги прекинете другите додека зборуваат се смета за дрско, грубо и некултурно, а може и да ги предизвика темпераментните соговорници. Исто така, е и апсолутно неопходно кога се наоѓате во агресивна професионална средина. Ова е лекцијата што и самата поранешна државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт морала да ја научи, лично.
Воспитани да не прекинувате или не, сеедно е – често постојат прилики кога сте повикани од вашата професија да го кажете вашето мислење, макар и по цена да се наметнувате. Но, како знаете која од тие ситуации е онаа во која упаѓањето во туѓиот збор е оправдано од онаа ситуација кога едноставно сте некултурни? Медлин Олбрајт вели дека клучната разлика е во тоа што во адекватната ситуација вие едноставно добро знаете за што зборувате.
„Ако се решите да упаднете во туѓиот збор, мора добро да знаете што зборувате. И морате да го направите тоа со сериозен и сигурен тон. Моите часови наликуваат по малку на зоолошка, бидејќи им велам на луѓето, мажи и жени, да не ги креваат рацете, туку да ги прекинуваат другите. Но, сметам дека тоа е добра лекција. А беше и лекција за мене, проповедајќи го ова, за потоа да се најдам на позиција во Безбедносниот Совет, каде често се прашував: Зарем не треба да почекам или воопшто да не зборувам? Но, ако кренете рака и не сте прозвани, додека да ве повикаат, тоа што сте го имале да го кажете веќе изгубило смисла. Не е релевантно. Па го измислив следниот термин – активно слушање. Едноставно слушате поинаку ако мислите дека ќе го прекинете соговорникот. Бидејќи, искрено, некои луѓе едноставно зборуваат премногу“, објаснува Олбрајт.
Па, ако сте нов/а во групата и сé уште учите, тогаш нормално, оставете ги другите во собата (поискусните) да го добијат вниманието. Но, ако имате нешто вредно да допринесете, не се двоумете тоа да го кажете. Логично, вие сте таму со причина, а не за да бидете декорација за канцелариските столчиња.