Весникот „Вашингтон пост“ објави дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, а една од темите на разговорот е и војната во Украина
За време на претседателската кампања, Трамп изјави дека доколку стане претседател на САД веднаш ќе стави крај на војната во Украина, иако не откри детали како ќе го стори тоа. Сепак, сигнализираше дека ќе поддржи договор според кој Русија ќе задржи дел од освоената територија
Невистинити се информациите за наводен телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
„Нема разговор, информациите се невистинити, тоа е чиста фикција“,
рече тој.
Според него, извештаите на „Вашингтон пост“ и Ројтерс дека се случил телефонски разговор меѓу Путин и Трамп се „највпечатлив пример за квалитетот на информациите што се објавуваат во денешно време, понекогаш дури и од мошне почитувани медиуми“.
Весникот „Вашингтон пост“ објави дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, а една од темите на разговорот е и војната во Украина.
Откако Трамп победи на изборите во САД минатата недела, според медиумот, ова е прв нивни телефонски разговор.
Според извори на весникот, Трамп за време на разговорот го повикал Путин да не ја ескалира војната во Украина, но и го потсетил на зголеменото американско воено присуство во Европа.
„Разговорот беше насочен кон постигнување мир во Европа, а Трамп изрази интерес за дополнителни разговори за брзо решение на војната во Украина“,
велат изворите на весникот.
За време на претседателската кампања, Трамп изјави дека доколку стане претседател на САД веднаш ќе стави крај на војната во Украина, иако не откри детали како ќе го стори тоа. Сепак, сигнализираше дека ќе поддржи договор според кој Русија ќе задржи дел од освоената територија.
Минатата недела, веднаш по изборите, новоизбраниот американски претседател разговараше со околу 70 светски лидери по изборите, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Москва првично реагираше студено на победата на Трамп, но потоа Путин јавно му ја честита победата и посочи дека е подготвен да разговараат.
Според Путин, зборовите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за украинската криза заслужуваат внимание.
„Она што беше кажано од Трамп за желбата да се обноват односите со Русија, да се придонесе за решавање на украинската криза, ми се чини дека заслужува барем внимание“,
рече рускиот претседател.
Путин, исто така, го пофали Доналд Трамп за преживеаниот обид за атентат за време на неговиот митинг во Пенсилванија во јули.
Се очекува американскиот претседател Џо Бајден да разговара за домашните и за надворешните приоритети со новоизбраниот претседател Доналд Трамп в среда, за кога е закажана средба меѓу нив, и ќе ја повика новата администрација на САД да не ѝ заврти грб на Украина, рече националниот советник за безбедност Џо Саливен. Како што кажа Саливен, таквиот потег би можел да поттикне нова нестабилност во Европа.