Ако јадеш овошје, зеленчук, житарици, јаглехидрати, и не-месни протеини, плус умерена количина на морска храна и млечни производи, тогаш ја тераш таканаречената „медитеранска исхрана“ базирана на храната што традиционално ја јадат луѓето во средоземноморскиот регион. Тоа би требало да значи и дека имаш намален ризик од срцеви болести. Но, има „ама“.
Во студијата објавена во понеделникот во Интернационалниот журнал на епидемиологија, се покажува дека кај побогатите јадачи се регистрирани повеќе здравствени бенефити. Главната причина е квалитетот на храната, а квалитетот не е евтин.
Тимот од италијански истражувачи од Медитеранскиот невролошки институт (I.R.C.C.S. Neuromed) работи на студијата уште од 2005-та година, преку прашалници и здравствени тестови врз повеќе од 18.000 мажи и жени од јужна Италија. Во овој последен извештај, објаснуваат дека социо-економскиот статус на партиципантите има удел врз резултатите.
Имено, дури и меѓу групата од испитаници кои најстрого се придржуваат до медитеранската диета – што се оценува со скор добиен од присуството на овошје, јаткасти плодови, зеленчук, мешунки, житарици, риба, масти, месо, млечни производи и конзумацијата на алкохол, сé уште има широк спектар на резултати. Со други зборови, кај партиципантите што јаделе речиси иста количина на соодветната храна, бенефитите по здравјето сепак варираат, и тоа со конкретен тренд: кај побогатите и (формално) поедуцираните испитаници се забележува помал кардиоваскуларен ризик отколку кај останатите.
„Квалитетот на храната може да е важен за здравјето исто колку и квантитетот и фреквенцијата на конзумирање“, вели Личија Јаковиело – директор на Лабораторијата за нутритивна и молекуларна епидемиологија при институтот.
Тимот открил дека партиципантите со повисоки приходи и степен на едукација јаделе поширок спектар на овошје и зеленчук, одбирале храна со повеќе полифеноли и антиоксиданси, јаделе повеќе целозрнести јаглехидрати, а и користеле поздрави методи на готвење.
Со тоа, резултатите укажуваат на тоа дека тоа не е доволно да се следи медитеранскиот начин на исхрана преку едноставно менување на количините што ги јадеш од одредени типови храна; туку и самата храна треба да е со висок квалитет, и да јадеш широк спектар од истата.
А тоа удира по џебот. Свежата храна и особено морските производи, во зависност од регионот, се достапни само по повисоки цени, што ги прави надвор од дофат на луѓето со пониски примања.
„Социо-економските разлики во здравјето растат и од аспект на достапноста на здравата исхрана“, вели Џовани де Гаетано – директор на Одделот за епидемиологија и превенција при институтот. „Не можеме да продолжиме да говориме дека медитеранската исхрана е добра за здравјето… ако не можеме да гарантираме еднаков пристап до истата“.