На денешната седница на Собранието, на која беше избран новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, изрази загриженост поради партизацијата на ова клучно тело, кое директно влијае на цените на електричната енергија, горивата и животниот стандард на граѓаните. Ацо Ристов, поранешниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, е во брак со Данка Ристова, која е членка на Судскиот совет.
Мециновиќ нагласи дека со излегувањето на Мицкоски на позицијата премиер, во Македонија започна бесприемен период за енергетската состојба. Тој укажа дека за прв пат, премиерот нема да биде независен, туку е дел од енергетската олигархија која со децении ги уништува животите на граѓаните.
„Премиерот и сите назначени од него, вклучувајќи го и новиот претседател на РКЕ, ќе работат во интерес на индустриските поединци, а против интересите на граѓаните. Со ова назначување не само што нема да дојде до промени, напротив, ќе се продлабочи исцицувањето на финансиите од џебовите на граѓаните! Ацо Ристов, како приближен бизнис соработник на Мицкоски, не може да биде независен експерт што ќе ја води РКЕ“, истакна Мециновиќ.
Тој посочи дека Енергетската заедница со седиште во Виена веќе изразила загриженост поради изборот на Ристов како претседател на Регулаторната комисија. „Како граѓанин на Република Македонија, јас ќе го оспорам ова назначување со формална претставка до Енергетската комисија во Виена. Ацо Ристов не ги исполнува критериумите за независен кадар, туку е директен политички претставник на ДПМНЕ. Секој пат кога ќе го видите Ристов на телевизија како ја зголемува цената на струјата, сетете се дека зад него стои Мицкоски, кој е одговорен за тоа“, заврши Мециновиќ.




