Македонското друштво „Илинден“ – Тирана денеска достави барање до претседателот на албанската Централна изборна комисија, Илирјан Целибаши, во врска со плакатот на кој наместо македонско малцинство пишува „национално малцинство на Северна Македонија“.
„Бараме да се коригира плакатот за програмата посветена на изборната едукација на припадниците на националните малцинства, на нивниот јазик, за изборниот процес од 14 мај 2023 година, каде македонското национално малцинство во Република Албанија се нарекува ‘национално малцинство на Северна Македонија’. Да ве потсетиме, што добро е познато, дека македонското национално малцинство во Република Албанија е официјално познато и признаено како македонско национално малцинство во Република Албанија. Исто така, бараме на официјалната веб-страница и социјалните мрежи на Централната изборна комисија, како и во сите публикации, да не се повторува ова катастрофална грешка, туку да стои македонското национално малцинство во Република Албанија“, стои во барањето на друштвото.
Во истото се наведува дека МД „Илинден“ со седиште во Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана на 6 февруари 2009 година и неговата мисија е „заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија“.
Друштвото со посебен допис за ова го информирало и комесарот за заштита од дискриминација Роберт Гајда, и очекува негово соодветно дејствување, што го направил во неколку случаи до сега.
„Најостро реагираме зашто она што пишува Централната изборна комисија е навреда на достоинството и националниот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија. Како може на плакатот, во рамки на програмата за изборната едукација на припадниците на националните малцинства на јазикот на нивната заедница, да стои ваква катастрофална грешка. Ние сме македонско малцинство или Македонци во Република Албанија, како што сме признаени во Законот за заштита на малцинствата“, изјави претходно Никола Ѓурѓај за МИА.
ЦИК за локалните избори што ќе се одржат на 14 мај 2023 година за првпат во историјата на изборните процеси во Албанија одобри посебна програма за информирање и подигање на свеста на гласачите-припадници на националните малцинство во Република Албанија, вклучително и македонското.
МИА