Мбапе под знак на неизвесност за мечот со Сити

Реал Мадрид утре ќе го пречека Манчестер Сити во дербито на шестата рунда во Лигата на шампионите. Овој дуел доаѓа во неповолен период за тимот на Чаби Алонсо, кој во последните пет натпревари во домашното првенство забележа само една победа, три нерешени резултати и еден пораз. Во неделата, „кралевите“ доживеаја пораз од Селта Виго (0:2) на свој терен.

Во пресрет на натпреварот, Алонсо се соочува со сериозен проблем. Настапот на Килијан Мбапе е под знак прашалник, а претходно е потврдено дека тимот нема да може да смета на Едер Милитао. Бразилецот се повреди во мечот против Селта, а првичните проценки говорат дека ќе отсуствува најмалку четири месеци. Поред тоа, тренерот нема да може да ги искористи услугите на Трент Александер-Арнолд, Дин Хаусен и Дани Карвахал.

Мбапе денес не тренираше со соиграчите поради повреда на мускулот, и неговата присутност во среда останува неизвесна до последен момент.

Мадридски извори соопштуваат дека медицинскиот тим на Реал Мадрид вложува максимални напори за да го подготви за игра, но не е познато дали ќе се најде во почетниот состав.

Килијан Мбапе е клучен дел од стратегијата на Чаби Алонсо, што се потврдува со неговите бројки – досега постигнал 25 голови во сите натпреварувања.

Ако не биде подготвен, се верува дека Родриго ќе заземе место покрај Винисиус Жуниор во нападот.

Натпреварот Реал Мадрид – Манчестер Сити е планиран за среда во 21:00 часот.

Фото/ depositphotos