MAZDA 6 CD150: На чекор од премиум сегментот

Ако за некој автомобил, кој ни бил понуден на управување, се „лепеле“ толку погледи во последно време, тогаш тоа е новината во сегментот на семејни-деловни лимузини, третата генерација на Mazda 6.

Спакувана со нови технолошки решенија под името Skyactiv, оваа лимузина е полесна, поштедлива и поагилна во однос на претходничката, со атрибути и квалитети кои ги красат претставниците од премиум сегментот.

Мал е бројот на автомобили кои со своето пристигнување на пазарот побудиле толкав интерес како што е третата генерација на Mazdа 6. Ова остварување од Хирошима имаше фантастичен блесок и со првата, па да речеме и со втората генерација, но не со толкав интезитет како оваа третата. Причината!? Моделот е радикално променет од корен, во сите елементи, па со оглед на тоа што во последно време на ваков потег ретко се решаваат производителите, поради трошоците, па оваа револуционерна изведба привлекува дополнително. Идејата за новиот дизајнерски јазик и новите технологии наречени Skyactiv чинеа многу, но веќе почнаа да се исплатуваат. Mazda полека се враќа на патеката на успехот, има поинаков имиџ, едноставно нуди нешто повеќе!

Стар Моторс, импортерот за Mazda во Македонија кој официјално делува од неодамна, ја нуди „шестката“ во две каросериски изведби, како класична лимузина и караван. Во понуда се две нивоа на моќ кај 2.0 литарскиот бензински мотор (145 и 165 KS – Standard и High Power), а топ понуда е 2.5 литарскиот бензинец со 192 KS. Слична е и поставеноста кај дизелите… 2.2 литарскиот мотор пристигнува во варијанти од 150 и 175 KS. Моторите се во спрега со шестстепени мануелни и автоматски менувачи, а понудата на новата генерација на Mazdа 6 ја заокружуваат четири пакети на опрема (Emotion, Challenge, Attraction и Revolution). Нам на располагање ни беше верзија со 2.2 литарски агрегат со 150 „коњи“ и Challenge ниво на опрема.

Никој нема да ни забележи ако кажеме дека ова е несомнено една од најубавите лимузини во D-сегментот. Фантастичен размер на елеганција, спортска динамичност и луксуз кои беа најавени со концептот Shinari, претставен на салонот во Париз 2010 година и дел од новиот дизајнерски јазик Kodo.

Новиот Kоdo дизајн на марката е инспириран од движењата во природата, кои создаваат чувство на моќ и убавина и не случајно уште на прв поглед новата Mazda 6 импресионира со својата атрактивна и елегантна визија, особено во седан верзијата. Заоблените и во исто време агресивни форми на возилото со издолжена предница и куса задница создаваат чувство за елегантен и моќен спортски автомобил. Новата Mazda 6 во голема мера презема детали од современата концептна визија. Се разбира некои елементи од прототипот се променети од функционална гледна точка кај сериската верзија, но сепак главната атрактивна и модерна визија се задржува до голем степен. За новиот дизајнерски јазик „виновен“ е тимот на компанијата предводен од Икуа Македа, а не помала е и заслугата на Питер Бертуисел и Дерек Џенкинс, односно директорите на дизајнот на Mazda во Европа и САД.

Новиот дизајнерски правец на марката, беше демонстриран прво во CX-5, а сега е вешто интегриран во шестката. Јапонците тврдат дека дизајнот е инспириран од магичната сила и агилност на една од најбрзите и најатрактивни мачки-гепардот. Неприкосновен е фактот дека новата Mazda 6 поседува индивидуална и многу интересна визија.

Третата генерација на Mazda 6 се карактеризира со европски црти, а освен радикалниот екстериер промените на каросеријата ги карактеризираат и изменетите димензии. Должината на каросеријата сега е 4.865 милиметри, широчината 1.840, а висината 1.450 mm. Меѓуоскиното растојание на Mazda 6 е 2.830 mm. Во целина возилото е хармонично и доста поинакво од неговите конкуренти, од кои повеќето се карактеризираат со конвенционални екстериерни форми.

Во ентериерот при самиот влез затекнуваме опкружување кое веднаш ни буди асоцијации на возило од брендот од Хирошима. Првиот впечаток е дека од ергономски аспект навистина е тешко да се најде било каква забелешка. Положбата на седење е ниска, обрачот на управувачот не е премногу голем и едноставно лежи во рака, а прегледноста на инструменталната табла е добра и се е на дофат на рака. Седиштата се добро анатомски профилирани и солидно го држат телото. Задната клупа е исто така мошне удобна и има простор во изобилство и ветува уживање при подолгите патувања. Има доволно простор за нозете и може да се сместат повисоки лица. Багажниот простор е со зафатнина од 489 dm3, а може да се зголеми со преклопување на задната деллива(60:40) клупа.

Она што според мое мислење би требало да биде подобро решено е естетиката на предната арматура. Имено, иако материјалите се со добар квалитет, од Mazda како премногу да се труделе да го зголемат впечатокот на луксуз со разни детали и украсни елементи, па наликува на некоја американска изведба. За премум оценка треба малку повеќе стил и би додале поголема европеизација.

Новата Mazda 6 по CX-5 е уште еден модел кој го интегрира целиот спектар на технолошки решенија SKYACTIV, чија главна цел е насочена од една страна кон подобрување на потрошувачката на гориво и ја намалува емисијата на CO2 и од друга кон воведување на голем број на нови технологии и иновации за оптимизирање на моторот и намалување на тежината на основните компоненти на возилото, без да се прават компромиси со безбедноста и сигурноста. Особено внимание заслужуваат и воведените иновативни решенија, првиот во светот систем за регенерирање енергија i-ELOOP, кој во комбинација со составот i-STOP за интелигентно гаснењето на моторот, како и големиот збир на различни системи за подобрување на безбедноста i-ACTIVESENSE, ги потврдуваат своите вредности.

Директните резултати, последица од низата технолошки иновации, собрани под општото име SKYACTIV технологија, покажуваат навистина импресивни резултати. Една од главните предности на новата Mazda 6, како резултат од оптимизирање на моторот е задоволување на EURO 5 стандардите.

Друг особено импресивен факт кај новата Mazda 6 е доста ниска потрошувачка на гориво, дури и при верзиите со врвни мотори – бензинскиот 2.5 литарски со 192 коњски сили и дизел 2.2 -литарски со 175 коњски сили даваат просечна комбинирана потрошувачка од 6,3 и 4,8 литри за седан моделите. Моторот од 2.2 литри дизел со 150 КЅ е со турбо полнач со променлива геометрија, за разлика од повеќето слични агрегати, турбодупка тука воопшто не се чувствува. Достапните помошни системи како start/stop и други уште повеќе го намалуваат трошењето на нафтата од резервоарот. По направениот тест, борд компјутерот покажуваше 5,2 литри на 100 поминати километри, што е навистина импресивна бројка за пропорциите.

Mazda 6 со третата генерација се враќа на корените и покрај 130 mm подолгата каросерија, како и меѓуоскино растојание од 105 mm, актуелната изведба сега се одликува со подобра управливост и стабилност. Сега „шестката“ има многу нови адути, па освен тоа што е мошне комотна и пространа, без грижа може добро да се „нагази“. Mazda 6 во управувањето е мошне предвидлива и неутрална, благодарејки на електрониката и системите во склад со најсовремените трендови. За тоа тука се системите за динамичка контрола и пролизгување DSC и TCS, ABS, EBD, EBA, електронските состави кои помагаат при сопирањето, ESS – системот за предупредување при нагло сопирање и TPMS – за пратење на притисок во гумите.

Вака спакуваната опција чини во Стар Моторс 27.830 евра, а во цената ви се вклучени навигација и металик боја.

 

- Реклама -