Денеска, на ден пред изборите, од 14 до 14:30, под заштитната опрема која сами си ја купуваат, како што велат, матичните лекари ќе одржат форма на протест пред своите ординации.
Протестот е на иницијатива на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) и ќе се одвива под паролата „Доста Е! / Mjaft Më!“
„Протестираме против скандалозниот игнорантски однос кон нас и непостоењето никаква поддршка од системот за матичните лекари, од почетокот на пандемијата до денес!“, велат од АСМЛ, од каде изнесуваат пет барања:
1. Итна помош во медицинска заштитна опрема, дезинфициенси и сл.
2. Право да упатуваат пациенти на тестирање по нивна процена како лекари, а не според алгоритам
3. Да имаат член претставник од матичните лекари во Комисијата за заразни болести
4. Стопирање на било какви “реформи” најавени почнувајќи од 1 јули, што е, како што велат, невиден преседан во сред пандемија
5. Помош во вид на итно ангажирање на млади колеги кои веднаш ќе се вклучат во системот, а во моментов седат дома без работа
„Партии СТОП, поддржувајте нѐ од дома! Изјави нема да даваме, ниту ќе гостуваме по телевизии“, се вели во соопштението, додавајќи дека нема потреба од таква драма, бидејќи драмата „е на терен и по болници и ионака има премногу работа“.
Од АСМЛ ги повикуваат матичните лекари фотографиите од поединечните протести да ги споделуваат под хаштазите #ДостаЕ и #MjaftMë .