Веќе скоро 40 години Американците, па и теоретичарите на заговори ширум светот и на интернет, спорат околу мистериозниот споменик на чии камени блокови се испишани 10 заповеди, ама не оние од Библијата. Овие новиве, некои ги сметаат за манифест на Новиот светски поредок, други за „Антихристови 10 заповеди“, а трети – за аманет и совети за живот и организирање на човечкото општество по евентуална нуклеарна војна.
„Американскиот Стоунхенџ“, како што уште го нарекуваат споменикот, инаку познат како „The Georgia Guidestones“, е воедно и најмистериозниот споменик во САД, а се наоѓа во округот Елберт во државата Џорџија. Подигнат е во 1980-та година, а до ден денес не се знае точно кој и зошто го изградил.
Се работи за гранитен споменик со висина од 5.87 метри, тежок околу 110 тона. Составен е од централен блок, околу кој се поставени четири масивни плочи, а на врвот има уште една која сите нив ги поврзува. Плочите, според некои, се нанижани со масонски симболи.
На споменикот се испишани 10 пораки за човештвото, на 8 големи светски јазици: англиски, шпански, кинески, руски, хинду, арапски, хебрејски и свахили.
Недалеку од споменикот е поставена дополнителна плоча на која се наведени информациите за структурата на споменикот, јазиците кои се користени, висината, тежината, астрономските податоци, но и „наводните“ градители. Наведено е и дека под споменикот е закопана „временска капсула“, но не се наведени датумот кога е закопана, ниту пак кога би требало да биде отворена.
„Нека ова биде нишка водилка кон Добриот разум“, пишува на средината на плочата. На рабовите на плочите се наоѓа преводот на таа реченица на четири древни јазици: вавилонски, класичен грчки, санскрит и древен египетски, испишан со хиероглифи.
„10-те заповеди“ гласат:
1. Одржувај го човештвото под 500 милиони, во константен баланс со природата
2. Мудро управувај со репродукцијата, подобрувајќи ја кондицијата и различностите
3. Обедини го човештвото со нов жив јазик
4. Владеј ја страста-верата-традицијата и сите нешта – со умерен разум
5. Заштити ги луѓето и нациите со фер закони и праведни судови
6. Остави ги сите нации да владеат самостојно, а надворешните прашања нека ги решаваат на светски суд
7. Избегнувај ситничарски закони и бескорисни официјални лица
8. Балансирај ги личните права со општествените должности
9. Високо цени ја вистината-убавината-љубовта-барањето хармонија во бесконечното
10. Не биди канцер на Земјата – остави место за природата.
Во јуни 1979 година, маж под псевдоним Роберт Ц. Кристијан побарал од фирмата Elberton Granite Finishing да изгради споменик во име на „мала група лојални Американци“. Објаснил дека тој споменик би требало да претставува „компас, календар и часовник“, и да преживува катастрофи.
Директорот на компанијата во неколку наврати се обидел да го пишмани клиентот, наведувајќи дека цената на таков споменик би била неколкукратно повисока од цената на било кој проект во дотогашната работна пракса на компанијата. Меѓутоа, наводниот Кристијан ги прифатил сите трошоци.
Споменикот на јавноста ѝ е претставен на 22 март 1980 година, а наводниот нарачател – Роберт Ц. Кристијан, подоцна сопствеништвото над споменикот и земјиштето на кое бил изграден, го префрлил на округот Елберт.
До ден денес не се знае кој е човекот зад тој псевдоним, и која е таа „мала група лојални Американци“. Теории има еден куп.
Некои теоретичари на заговори во псевдонимот „R.C. Kristijan“ препознаваат врска со Кристијан Розенкројцер, кој е основач на Розенкројцерскиот ред – мистично друштво кое влијаело на развојот на масонските ложи.
Други сметаат дека се работи за манифест од самопрогласена елита која сака да го уништи најголемиот дел од човечката популација (за да ја доведе до бројката под 500 милиони, нели).
Најприфатената, а и најмалку фантастичната теорија, е дека споменикот претставува упатство за идните генерации за тоа како да ја обноват цивилизацијата по евентуалното (некои сметаат и неизбежно) уништување. Со оглед дека е изграден во времето на Студената војна, во период на оправдан ризик од нуклеарна војна, наменет е како порака за преживеаните, кои во таков случај веројатно не би биле повеќе од 500 милиони.