Војската на Израел соопшти дека војниците ги „неутрализирале“ милитантите на Хамас кои се криеле во болница во окупираниот град Џенин на Западниот Брег и дека планираат неизбежен напад.
Војската идентификуваше едно од лицата како Мохамед Џаламнех (27) од Џенин, за кој рече дека имал контакти со штабот на Хамас во странство и дека планирал „напад инспириран од масакрот на 7 октомври“.
За другите двајца се вели дека се милитанти од областа. „Џаламнех планирал да изврши терористички напад во блиска иднина и ја користел болницата како скривалиште и затоа е неутрализиран“, соопшти армијата.
Војската одби да каже дали тројцата се убиени, но радиото „Гласот на Палестина“ објави дека тројца Палестинци биле убиени во болница.
Западниот Брег, кој е меѓу областите каде што Палестинците бараат државност, имаше бран на насилство по нападот на 7 октомври, што беше поттик за војната во Газа меѓу Израел и Хамас.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа почетокот на нападот на израелските командоси врз болницата. Автентичноста на снимката ја потврди и Ал Џезира. На видеото се гледа дека Израелците биле маскирани во лекари и медицински сестри.
Хамас порача дека „злосторствата на израелската армија нема да останат без одговор“. Тие тврдат дека еден бил во кревет кога бил убиен.
МИА