Маск: Санкции за Карлсон би биле навреда за американската јавност, нема да го блокирам интервјуто со Путин

Американскиот милијардер Илон Маск денеска изјави дека воведувањето санкции на Европската унија за Такер Карлсон би било навреда за американската јавност.

– Можеме да се согласуваме или да не се согласуваме со Такер, но тој е одличен американски новинар и таквата постапка многу би ја навредила американската јавност, напиша Маск на Х, реагирајќи на пишувањето на одредени медиуми дека ЕУ може да воведе санкции против на Карлсон поради интервју со рускиот претседател Владимир Путин.

– Ако тоа е вистина, тоа би било навистина вознемирувачки, додаде Маск.

Списанието „Њузвик“, повикувајќи се на изјави на поранешни и сегашни пратеници во Европскиот парламент, претходно објави дека ЕУ може да воведе санкции против Карлсон.

Поранешниот белгиски премиер и европратеник Ги Верхофштад, кој ја повика ЕУ да ја истражи можноста за воведување „забрана за патување“ за Карлсон, го опиша новинарот како „порпарол“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.

„Со оглед на тоа што Путин е воен злосторник, а Европската унија ги санкционира сите кои му помагаат во тоа, се чини логично дека Службата за надворешни работи треба да го истражи и случајот на Карлсон“, рече Верхофштад.

Прочитајте и:  Путин: Русија истрела балистичка ракета со среден дострел кон Украина

Поранешниот европратеник Луис Гарицано рече дека се согласува со Верхофштад.

– Карлсон повеќе не е новинар, туку пропагандист на најгнасниот режим на европското тло и оној кој е најопасен по мирот и безбедноста во Европа, рече Гарицано.

Карлсон засега не коментира ништо

Тој вчера потврди дека е во Москва на планирано интервју со Путин, велејќи дека тоа го прави бидејќи тоа е работа на новинар.

„Ние се занимаваме со новинарство. Наша должност е да ги информираме луѓето“, рече Карлсон во видео објавено на X.

Тој додаде дека војната во Украина е „човечка катастрофа“ во која загина цела генерација Украинци, но оти, според него, повеќето Американци не се доволно информирани за тој конфликт.

Американскиот новинар истакна дека Вашингтон два пати се обидел да го саботира интервјуто, што Белата куќа го демантираше.

Истовремено, тој изјави дека сопственикот на социјалната мрежа Х, Илон Маск, ветил дека нема да го блокира разговорот со Путин кога ќе биде објавен на таа платформа.

- Реклама -