“Јас сакам да бидам живо уметничко дело” – вели Луиза Казати. И била токму тоа – една од највпечатливите жени на 20 век, која оставила траги во модата и уметноста неизбришливи до ден денес.
По неа е именувана модната куќа Marchesa, а таа има голем удел и во две од најпознатите ревии на Џон Галијано за модната куќа Dior, од кои онаа во Париската опера и денес важи за неговата најдобра ревија воопшто. Луиза е лицето и за првата колекција за крстарење на Карл Лагерфелд за Chanel. Едвај има друга жена, која оставила таков впечаток во модата само со своето лично присуство и стил.
Луиза Адел Роза Аман е родена на 23 јануари 1881 година во семејство на италијански гроф. Уште од дете обожавала да гледа модни списанија и да го истражува стилот. За несреќа Луиза и нејзината сестра уште како деца останале без двајцата родители. Двете девојки стануваат наследнички на огромно богатство, но парите не можат да надоместат слична загуба. Можеби затоа Луиза трошела пари без никаков усул и на крајот на животот умрела во беда.
Титулата Маркиз Луиза Аман ја стекнува од бракот со Маркиз Камило Казати Стампа ди Сончино. Двајцата биле многу различни и живееле заедно сосема кратко време, а единствената ќерка што ја имале Луиза ја дала на одгледување кај свои роднини.
Животот на Луиза бил екстравагантен и ексцентричен како неа самата. Таа се селела од град во град и купувала најубави куќи – во Капри, Париз, Венеција – во нејзиниот дом во Венеција во моментов е сместен музејот Гугенхајм. Била позната како организатор и на најлегендарните балови. Знаела да се појави облечена во фустан од пердуви кои паѓале еден по еден и таа останувала гола одоздола.
Пабло Пикасо и направил фустан од електрични светилки кои светат. Најпознатите дизајнери на тоа време – Пол Поаро и Маријано Фортуна – живееле речиси само од барањата на Маркиз. Нејзини домашни миленичиња биле гепард и крокодил и таа ги шетала низ улиците со каишка на вратот со дијаманти.
Името на Луиза останува овековечено во разни во драми, книги, песни и слики од познатите современици – од Габриеле д’Анунцио кој бил нејзин љубовник до смртта, Џовани Болдини, Џек Керуак и многу други.
Црвенокосата и зеленоока дама секогаш била драматично нашминкана. Тилда Свинтон и Карин Ројтфелд ја снимале морфосинтаксата во нејзиниот лик, а Вивиен Ли и Ингрид Бергман ја толкувале во киното. Се чини дека најголемиот сон на Луиза сепак се обвистини, па така таа остана живо уметничко дело и години по нејзината смрт.