Мариналеда: Градот каде киријата е 15 евра, интернетот бесплатен, а државата ти гради куќа

Casares-Andalusia
Casares-Andalusia

Малиот шпански град Мариналеда воведува листа на чекање заради преголемиот интерес за вселување. Чекај малку, зошто некое рандом гратче со површина од 25 км² и со вкупно 2.700 жители би било толку популарно?

Мариналеда се смета за социјалистичка утопија. Жителите на Мариналеда не се плашат да ги изразат своите политички уверувања. Таму, на пример, наместо светкави реклами и брендови – виреат графити и мурали со пораки за поддршка и солидарност со земји како Куба и Венецуела. Улиците носат имиња на славни борци за работнички права, како што се Федерико Гарсија Лорка и Пабло Неруда.

Додека остатокот од Шпанија се бори со олигархија и странските банки кои ја преземаа земјата, одлуките во ова гратче се носат стриктно со директна демократија, по пат на седмични состаноци на кои присуствуваат по 300-400 луѓе. Додека невработеноста во Шпанија достигна 27%, во Мариналеда вработеноста е речиси 100%.

Просечната (!) плата во градот е 1.200 евра месечно. Ако тоа не ви звучи како многу, чекајте да чуете дека киријата е само 15 евра месечно. Градот целосно е покриен и со пристап до бесплатен интернет. Фасцинантна е и спортската присутност – градот со одвај 3.000 жители има два фудбалски терена, кошаркарски терен, терен за тенис, сквош и одбојка, како и базен. Сите овие објекти (со исклучок на базенот за кој се плаќа годишна членарина) им стојат бесплатно на располагање на жителите. Мариналеда има и црква, макар што жителите пројавуваат слаба верска активност.

952.2[1]

Како што рековме, заради големиот интерес, Мариналеда воведе листа на чекање. Се чека и до две и пол години. До сега се изградени околу 350 куќи, а идните две години би требало да бидат изградени уште околу 250. А во овој град, луѓето сами си градат куќи. Еден од нив е и Дејвид Гонзалес Молина, кој откако поминал најмалку две години како регистриран граѓанин на Мариналеда, од локалните власти добива дозвола и материјал за изградба на куќата. Дури откако куќата ќе биде изградена, Молина ќе почне да ѝ ја плаќа киријата од 15 евра на државата, со што на локалните власти ќе им бидат покриени трошоците за изградбата.

Се разбира, не сите знаат да градат куќа. Затоа властите напомош ти испраќаат професионални градежници и архитекти кои ти помагаат во изградбата. Куќите не смеат да се продаваат, со што се спречува потенцијалното профитирање.

Инаку, Мариналеда си има и своја сопствена телевизија и радио станици, ама на кои ретко ќе чуете црна хроника. Според шпанските закони и според бројот на жители, Мариналеда треба да има помеѓу четири и седум полицајци, кои баш и немаат работа, затоа што таму воопшто не постои криминал.

Но жителите од градот не застануваат таму. Секој месец, Мариналеда одбележува таканаречена „Црвена недела“, кога на пленумот се изнесуваат идеи за тоа како градот да се подобри и разубави уште повеќе. Ако идејата биде прифатена, задачата ја спроведуваат доброволци. Некогаш се работи за чистење на некоја улица, некогаш за поправка на куќи.

А да, местово го викаат „рај на земјата“.

- Реклама -