Маричиќ за уставните измени: Има интерес од Шолц и Макрон да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници

Уставните измени не се случуваат од денес за утре, туку во моментот кога „ќе се искреира платформа што може да добие поддршка од 80 пратеници“, ќе почне процедурата во Собрание за промена на Уставот, изјави вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“, потенцирајќи дека очекува тоа да се случи во првата половина од следната година.

Маричиќ потсети дека без поддршка на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Парламентот и дека процесот пред претходните промени на Уставот, пред четири години, траел една година.

„Блокадата првпат е во наши раце. Досега секогаш блокадата беше во Софија, Атина, Париз… Денес е во наши раце и од нас зависи дали ќе застанеме по скринингот на истото место или ќе продолжиме со поглавјата“, оцени Маричиќ, потенцирајќи дека се во комуникација со сите пратенички групи и пратеници и дека е уверен дека со помош на меѓународните партнери и со ангажманот на Владата, ќе се дојде до 80 пратеници, затоа што, како што рече, „за него е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме“.

Маричиќ откри дека поддршка понудиле и Франција и Германија, односно Емануел Макрон и Олаф Шолц.

„Има интерес веќе од германскиот канцелар и од францускиот претседател и од сите да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници“, рече Маричиќ за уставните измени со кои ќе се вклучат Бугарите во Уставот за земјата, согласно францускиот предлог.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Маричиќ потсети дека во заклучоците на Советот на ЕУ пишува дека во моментот кога ќе биде променет Уставот, без нови одлуки и без одлагање ќе се свика втората Меѓувладина конференција на која што ќе започне да се разговара за поглавјата.

„Ние инсистиравме на таа формулација за да не биде оваа реторика од опозицијата дека ќе имало уште 3-4 или не знам колку барања. Исто така, инсистиравме да се тргнат сите оние прашања, бидејќи имаше многу поинакви верзии на преговарачката рамка и сите прашања кои што се однесуваат на билатералните прашања да бидат ставени во протокол меѓу нас и Бугарија. И сега во однос на јазикот, ние кога влеговме во дискусијата не беше наша цел да ја убедиме Бугарија во нешто, дали ќе го признае или не македонскиот јазик, наша цел беше ЕУ да не го прифати бугарскиот став и да можеме да го потпишеме договорот за Фронтекс на македонски јазик“, рече Маричиќ, додавајќи дека Бугарија праќала ноти за јазикот насекаде, па и во ОН, а фамата околу тоа, рече, „ја прават луѓето кои не испорачаа ништо за шест години плашејќи се за нивната политичка кариера“.

Извор: МИА

- Реклама -