Маричиќ за „Еурактив“: По изборите во Бугарија, тензиите би требало природно да се намалат, со интензивен дијалог можеме да постигнеме договор

„Тензиите меѓу Северна Македонија и нејзиниот источен сосед Бугарија, кои ја блокираат кандидатурата за членство на Скопје во ЕУ, би требало ‘природно да се намалат’ по изборите на 4 април во Бугарија“, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за „ЕУРАКТИВ“.

Прашан дали е добра стратегија да се чека исходот од бугарските избори, со оглед дека во Бугарија има широк консензус за ветото за Скопје, Маричиќ посочува дека Северна Македонија мора прво да види кој е партнерот со кого ќе преговара, односно кој ќе ја предводи и кој ќе биде дел од новата бугарска влада.

„Сметаме дека со интензивен дијалог по бугарските избори, договор можеме да постигнеме ако имаме вистинска волја за тоа… и ако бараме решение што ќе се заснова на меѓусебно почитување, на рационалност, на европски вредности и на модерни концепти од 21 век“, вели Маричиќ.

Во однос на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан во 2017 година, кој според Маричиќ требало да овозможи рамка за решавање на споровите, министерот за правда оценува дека, за жал, тој не дал толку интензивни и брзи резултати како што можеби очекувала Бугарија. Иако договорот е добра рамка, преговорите треба да се темелат на меѓусебно почитување, но и на правото на самоопределување, потенцира Маричиќ.

Иако португалското претседателство е помалку активно од германското, кое и покрај силните напори не успеа да го надмине ќорсокакот, фактот што проширувањето е сѐ уште еден од наведените приоритети на Лисабон е „доволно добар факт за нас“ и ни дава надеж дека до крајот на нивното претседателствување да направат некаков исчекор напред, оценува Маричиќ.

Доколку до јуни нема некаков успех, тогаш надежите ќе ги бараме во словенечкото претседателство, од кое се очекува да вложи повеќе напори.

„Словенија доаѓа од регионот, тие се многу силен поддржувач на Северна Македонија и воопшто на проширувањето“, посочува Маричиќ во интервјуто, потенцирајќи дека било кое решение што ќе се постигне ќе мора да биде „одржливо“ и да биде решение кое нема понатамошно да храни национализам. И додека е можно да се „интерпретираат и реинтерпретираат“ историски настани и личности, секоја дискусија за нашиот јазик е дефинитивно неприфатлива, додава министерот.

 

- Реклама -