Маричиќ: Во духот на транспарентноста за Изборниот законик ги консултиравме и помалите партии

Изборниот законик е комплициран и секогаш се носел со концензус, а во моментов постои само предлог кој е потпишан од координатори од четирите најголеми партии, изјави министерот за правда – Бојан Маричиќ, во гостување на ТВ „Канал 5“.

Маричиќ рече дека очекува тој да биде изгласан по одморите, но дотогаш, потенцираше, веројатно ќе има измени во самиот предлог.

„Идејата е да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР, а овојпат транспарентноста одеше дотаму што Предлогот на Министерството за правда најинклузивно, иако не е обврска, беше консултирано и со малите партии без право на потпис, бидејќи секој има право да изнесе став. Сметам дека институциите треба да почекаат да се изгласа финалната верзија, а потоа да имаат постапки“, рече Маричиќ.

Министерот за правда порача и дека не е добра пракса двајца пратеници на Левица да го блокираат целото Собрание, особено за изборниот законик кој е потребен за спроведување на локалните избори. Според него, тоа е на штета на самиот процес.

Притоа, Маричиќ стави акцент на тоа дека консултациите траат неколку месеци, а кога ќе има законски текст истиот ќе биде предложен до Собранието. Тогаш, вели министерот, институциите можат да реагираат доколку текстот не е во согласност со сите препораки.

„За овој закон праксата е политичките партии кои имаат претставници во изборната комисија да го поднесат до Собранието. Ретко се случувало Владата да поднесува закон кој се однесува на изборите, иако би било легитимно да има европско знаменце, но според мене подемократска постапка е да биде донесен од пратениците, а во интерес е на граѓаните и изборниот процес за да имаме избори на есен“, рече Маричиќ.

- Реклама -