Скопје, 2 март 2022 (МИА) – Сега е добра можност да се забрза процесот на евроинтеграциите, бидејќи оваа ситуација на долгогодишно чекање не им оди во прилог ниту на ЕУ, ниту на нас, рече заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во денешното гостување во „Студио 10“ на ТВ24.
„Европската Унија треба да влезе похрабро во политиката на проширување и проектирање на членството на државите од Западен Балкан. Мислам дека свеста во тој дел се менува. Ние се покажавме како доверлив партнер и ова е добра можност да се забрза процесот“, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Тој додаде дека во наш интерес е да се фокусираме и насочиме кон решавање на нашите проблеми и што поскоро го одблокираме процесот.
„Северна Македонија постапи брзо и ефикасно како партнер, очекувам во наредниот период тоа да добие опипливи форми, меѓутоа да не очекуваме дека некој друг ќе ни ги реши проблемите. Нашиот интерес е да се реши проблемот со Бугарија, како што реков, со едно достоинствено решение, но да немаме одвишок други пречки за почеток на преговорите“, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот потенцираше дека не е можно да се решат брзо историските прашања, иако има напредок во работата на историската Комисија.
„Тоа е добар сигнал и дека дискусиите и заклучоците за историјата треба да одат кај историчарите пред сè. Ние работиме на откочување на нашиот евроинтегративен процес, затоа и влеговме со ваква интензивна комуникација со Република Бугарија. Да не сме верувале дека може да постигнеме позитивни резултати, не би започувале со ваков нов пристап во меѓусебната комуникација и односи“, истакна тој.
Според него, контрапродуктивно е да се комуницираат датуми, но кога ќе се дојде блиску до решение, тоа ќе биде обзнането.
„Многу е поважно суштински да се затворат прашањата, бидејќи тоа само создава тензија кај јавноста, ги крева очекувањата, а потоа предизвикува разочарување“, рече Маричиќ.