Маричиќ: Поставувањето на Груби за координатор за Коридорот 8 е поради потребата од посилна координација

Проектот за Коридотор 8 е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и целата влада вложува максимални напори тој да успее, а поставувањето на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за координатор на проектот, е поради потребата од посилна координација, бидејќи повеќе институции се вклучени во изградбата на автопатот, изјави денеска вицепремиерот за евроинтеграции – Бојан Маричиќ.

„Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Артан Груби да биде координатор на активностите поврзани со Коридорот 8 значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности коишто припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се бројни и тие никој не му ги одзема. Напротив, ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски. Но, исто така, има многу процедури и акции коишто треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес. И тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно“, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со српската министерка за евроинтеграции.

Бидејќи Коридорот 8 е „најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и сите вложуваат максимални напори тој да успее“, екстремно важно е сите членови на Владата од овој аспект да бидат вклучени во проектот, рече Маричиќ, додавајќи дека не треба да биде чудно што било кој член на Владата „се вклучил дополнително со екстра напор во спроведување на овој проект“.

Во однос на евентуални коруптивни дејства, Маричиќ рече дека за тоа има институции, посочувајќи ги Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство, кои, како што рече, треба да го кажат своето.

„За Владата ова е најважниот инфраструктурен проект којшто треба да исполни еден европски коридор од Јадранското Море па до Црното Море“, додаде Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -