„Имаме Антикорупциска комисија која отвора случаи неселективно и е подобра од она што била до пред неколку години. Претходно не ги знаевме ни имињата на членовите кои што работат таму, а не пак што всушност работат“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во гостување во емисијата „Објектив“ на МТВ.
Како што истакна Маричиќ, Владата работи со Државната комисија за спречување на корупација за тие да ги имаат сите услови за работа, без мешање на извршната власт.
„ГРЕКО препознава дека Владата вложила напори – и финансиски, и политички, и институционални – за да се воспостави систем за борба против корупција. Од 23 препораки кои треба да се исполнат, 13 се имплементирани, а останатите 10 се во тек“, рече министерот.
Тој додаде и дека, и покрај пандемијата, Владата има одлично портфолио и „трек-рекорд“ во борбата против корупцијата.
„Корупцијата не се искоренува преку ноќ, но треба да се воспостави систем што ќе се бори против неа, а ние работиме токму на тоа. Дел од препораките на ГРЕКО се решаваат со промена на законите кои се во собраниска процедура, а дел се за зајакнување на капацитетите на владините институции поврзани со контрола на дискрециони овластувања, транспарентноста и работата на владините функционери“, рече Маричиќ, потенцирајќи дека државата е на добар пат да ги имплементира сите препораки до септември наредната година.