„Немам дилеми и никој не треба да има дилеми дека пописот успешно ќе биде спроведен“, истакна министерот за правда – Бојан Маричиќ, во вчерашното гостување на „Сител“ телевизија. Тој сподели дека според последните информации попишано се над 900 илјади граѓани, а за време на викендов, рече, очекува бројката да надмине 1 милион.
„Зголемено е и попишувањето онлајн, а на крај податоците ќе се вкрстат со оние од теренското попишување. На терен работата се спроведува одлично и се надминати сите технички недостатоци од почетокот. Со МВР и Телеком се работи и на спречување на хакерски напади. МВР работи на откривање на сторителите, а станува збор за ИП-адреси од странство“, откри Маричиќ.
Тој потенцираше дека просекот на попишување е сто илјади граѓани дневно и дека одѕивот е добар, а притоа нема посериозен отпор, освен поединечни случаи.
„Нема масовен бојкот како што вели Левица“, подвлече Маричиќ. „Ете, нивни членови се воедно и попишувачи, иако морам да нагласам дека отворен беше повикот и кандидатите се бираа без разлика на партиската припадност. Ова е натпартиска операција, техничка и статистичка“, рече министерот.
Тој уверува дека податоците се безбедни – по електронски пат се испраќаат до Заводот, а потоа се вкрстуваат со датабази од шест институции. Токму затоа, рече, процесот на терен трае по пет-шест минути.
„Основи за оспорување на пописот нема“, заклучи Маричиќ.