Пописот да се спроведе во 2021 година, и тоа пред локалните избори, поточно во април – е определбата на Владата и Државниот завод за статистика, соопшти министерот за правда Бојан Маричиќ.
Тој истакна дека спроведување на пописот идната година е дел и од коалицискиот договор на коалицијата „Можеме“ и ДУИ.
Маричиќ изрази увереност дека до крајот на годинава ќе биде донесен закон кој ќе овозможи во април 2021 година да биде спроведен пописот. Истиот, најави министерот, ќе претрпи мали измени во однос на претходниот кој се најде во собраниска процедура, поконкретно во делот на одредбата за стапување во сила, односно роковите, бидејќи, како што објасни, претходното решение предвидуваше законот да стапи во сила година дена откако ќе биде донесен, а сега нема време за толку чекање.