Скопје, 3 септември 2021 (МИА) – Министерот за правда Бојан Маричиќ, во своето гостување на ТВ 21 вечерва, истакна дека попишувачите се обезбедени, а Државниот завод за статистика ги прави последните подготовки. Министерот вели дека во моментов и обуките на попишувачите се при крај, а здравствените протоколи се одамна заклучени, па сега останува после дваесет години државата во недела да започне да го спроведува пописот.
„Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот, но ограничувачки фактор беше тоа што тие мораа да бидат невработени, а многу малку беа заинтересирани на самиот почеток. Имавме подолготрајна кампања, па дојдовме до бројката од над пет илјади попишувачи, а онаму каде што недостасуваа, покриваме со лица ангажирани на договор на дело, бидејќи тие не се во редовен работен однос и нив не им тече стаж“, изјави Маричиќ.
Според него такви се неколку стотици попишувачи, голем дел од нив биле и од Управата за водење матични книги, кои и онака работат со лични податоци.
Маричиќ апелира сите да земат учество во пописот, бидејќи, како што вели, државата податоците веќе ги има, но тие треба да се потврдат и дополнат.
Министерот наведе дека доколку граѓаните одбијат да ги попишуваат невакцинирани попишувачи, ќе бидат обезбедрни вакцинирани, додавајќи дека сепак повеќето попишувачи се имунизирани. Според него, не било прифатливо како услов да се воведе вакцинацијата кај попишувачите, бидејќи по должност тоа никому не е наметнато, па дури ниту на здравствените работници.
„Подготвени сме да го спроведеме безбедно пописот и од здравствен аспект. Обуките и подготовките на теренските попишувачи се во насока да брзо и ефикасно, без да се задржуваат во домовите, за 10 до 15 минути ќе се заврши целата операција во домот. Податоците ги имаме, но треба да се дополнат и верификуваат“, кажа Маричиќ.
Тој потсети дека во државата веќе се спроведени избори без да се влијае на епидемиолошката состојба и бројките на новозаразени не се зголемиле. Министерот, тврдејќи дека најголемиот дел од попишувачите се вакцинирани, порача ова прашање да не се злоупотребува од страна на деструктивните политички сили.
„Постојат прекршочни мерки и глоби за оние што ќе одбијат да се попишат, но не сакаме да ги користиме тие методи. Нема никаков интерес да не се попишат, пописот е важен за сите, тие резултати ќе се со важност наредните десет години. Не треба да се влегува во политикантски пораки, некои партии мислат што полошо тоа подобро за нив, како Левица и други организации – тоа се деструктивни политички сили, затоа што повикувајќи ги граѓаните да не се попишат, тие се обидуваат да направат фалсификат од пописот“, заклучи Маричиќ.
Резултатите од пописот нема да доведат до промена во уставните категории, нагласи министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој кажа дека граѓаните треба да имаат доверба и да не стравуваат за своите стекнати права.
„Треба да се означи колку имаме резидентни граѓани, а колку нерезидентни. И двете групи ќе бидат вклучени во крајната вкупна бројка што е битна за уставните категории. Уверувам дека никој нема да загуби никакви права“, вели Маричиќ.
Министерот додаде дека правата се гарантирани и стекнати и дека, како што вели, никој нема да ги чепка.
„Ни треба реална бројка, не очекуваме големи отстапки, но за правата има политички консензус и никој не треба да се плаши дека некому нешто ќе биде одземено. Ако некој го тврди спротивното тоа се единствено деструктивните политички сили“, кажа Маричиќ.
Тој нагласи дека дијаспората веќе се евидентира и тие имаат можност за тоа до 30 септември.