Маричиќ: Интересот на Франција е зголемен, но да не очекуваме друг да ни ги реши проблемите

„Франција е многу важна држава членка на ЕУ без која не може да се утврди крупна политика во проширувањето, тоа го видовме и осетивме на своја кожа во 2019 година. Сметам дека напорите на претседателот Емануел Макрон се искрени. Тие помагаа и досега, заедно со Германија и други фактори, но тоа не значи дека проблемите ќе ни ги реши некој друг, туку дека треба да имаме амбиент во кој ќе имаме европско решение базирано на европски вредности“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во „Утрински брифинг“.

Според Маричиќ, тоа што е важно и добро е што Франција, која во минатото често ја избегнуваше темата за проширувањето, денес има појасна, поотворена и поамбициозна политика кон Балканот.

„Тоа сметам дека е важно и добро. Позитивно. Затоа и треба да работиме со Франција на овие прашања, бидејќи интересот на Франција за Балкaнот е зголемен во последните две-три години“, потенцираше Маричиќ.

Маричиќ, исто така, најави дека во текот на денот ќе има средба заедно со премиерот Ковачевски со францускиот амбасадор, а наскоро ќе замине и во посета на Париз со министерот Османи, за дискутирање на нивните приоритети и како Франција може да помогне во овој процес.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Во однос на посетата на бугарскиот премиер Петков на Скопје, Маричиќ вели дека дава нов импулс и енергија на односите, и оттука може само да одиме во нагорна линија.

За тоа кога очекува одблокирање на процесот, Маричиќ, посочи дека целосно се ослободени од лицитација со датуми или месеци и оти е важно структурата да профункционира и даде резултати кои ќе бидат видливи за граѓаните.

Маричиќ истакна дека државен интерес е час поскоро да се тргне ветото од страна на Бугарија, но тоа не треба да се прави по секоја цена, исто така, додавајќи дека решението мора да биде такво во кое Северна Македонија ќе биде уважена и ќе имаме исход кој ни одговара нам и ќе биде поддржан од нашиот Устав.

МИА

- Реклама -