До крајот месецов барем една голема држава – членка на ЕУ, ќе направи политички потег со кој јавно ќе го поддржи македонскиот јазик и идентитет, што ќе биде еден вид гаранција и порака дека не може да се загрозува ниту еден јазик и идентитет, конкретно македонскиот, заради преговорите со ЕУ – изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вечерва во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.
Во интервјуто, Маричиќ рече и дека доколку ги усвоиме уставните измени, Бугарија веќе нема да блокира како до сега.
Во однос на процесот на уставни измени, вицепремиерот е убеден дека може да се дојде до точка на двотретинско мнозинство каде најмалку 80 пратеници ќе гласаат за нивно усвојување. Ако опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски) на лидерската средба дојде со добри намери да се дојде до решение, Маричиќ верува дека има начини.
Прашан дали на лидерската средба ќе се разговара што да се прави понатаму ако уставните измени не успеат, односно ако опозицијата не се согласи да се изгласаат, Маричиќ вели дека нема потреба тоа да се разговара бидејќи ќе влеземе во веќе видена ситуација:
„Јас сум сигурен дека можеме да разговараме што потоа откако ќе поминат уставните измени, тоа е поважно, отколку откако нема да поминат. Доколку тоа се случи, да не поминат, а верувам дека тоа нема да се случи, тогаш тој филм сме го гледале, воопшто не мора за тоа да се среќаваме, тоа е многу едноставно да се предвиди: влегуваме во изолација, во процес на темна улица наредните 10 години“, рече Маричиќ, потенцирајќи дека, во суштина, власта и не мора да го убеди Мицкоски, туку доволно е да убеди неколку пратеници од опозицијата да гласаат за, како што вели, европскиот пат на земјата.
Извор: МИА