„Динамиката во работната група за уставните измени треба да ја споделат колегите кои се таму, но она што знам е дека до сега нема тема со која се шири сетот на прашања, кои се разговараат за уставни измени“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Што постриктно се држиме до обврските од преговарачката рамка, тоа подобро“, додаде тој.
Според него, има доволно елементи и во Уставот и во заклучоците на Собранието за заштита на нашиот јазик и идентитет и досега, рече тој, власта покажала на дело дека соодветно ги штити овие аспекти.
Сепак, вели Маричиќ, легитимно е да се отвораат прашања во контекст на уставните измени.
„Претставниците и експертите имаат легитимно право да ги отворат прашањата и да се разговара, па дури и опозицијата – која не номинираше претставници за работната група – има легитимно право да ги отвора овие прашања. Ние сме подготвени за дијалог на оваа тема“, додаде Маричиќ на прашањето дали со уставните измени се предвидени и некакви дополнителни промени во преамбулата.
Извор: МИА