Младата Мери Јакимовска од Скопје (не е таа што случајно ја знаете) најави дека ќе направи долго ненадминат подвиг и дека „на екс“ ќе прочита пет-шес страни од „Војна и мир“ на Достоевски. овај… на Лав Толстој.
Мери се смета за интелектуалка (ги има изгледано сите познати амерички серии, по два пати) и смета дека е подготвена да потроши неколку часа читајќи малку тешка категорија, како што е руската литература.
„Ја изгледав првата сезона Декстер, два пати во еден ден. Мислам дека ќе можам да се справам и со Толстој“, изјавува храбрата читателка, која патем е активна и на Твитер. Единствено ја загрижува дека името на авторот може да и ја наруши концентрацијата и дека постојано ќе мисли на лав.