МАНУ ги поддржува напорите на Владата за интеграција во ЕУ, но со почитување на достоинството на македонскиот народ

Неколку дена откако Бугарската академија на науки (БАН) порача дека со сите научни средства ќе ја брани „историската вистина за минатото на историско-географската област Македонија, вклучително и бугарската народна и културна припадност на мнозинството од нејзини жители“ и ја поддржа блокадата на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ од страна на бугарската влада, со реакција синоќа се јави и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), издавајќи промеморија во која ги нагласува државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

Во реакцијата, МАНУ потсетува, меѓу другото, дека правото на самоопределување на народите е неразделно од државниот и национален идентитет, како и дека македонскиот народ во континуитет ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет.

Во однос на јазикот, МАНУ наведува дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет – македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија, и временски континуитет – македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години.

Во однос на идентитетот, во промеморијата се наведува дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор.

Оттука, како што се истакнува во документот, Претседателството на МАНУ ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, но со почитување на достоинството на македонскиот народ, односно меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет.

- Реклама -