Манчини призна: Одлуката да ја напуштам италијанската репрезентација беше грешка

Роберто Манчини призна дека одлуката да се повлече од функцијата селектор на италијанската репрезентација била грешка. Манчини, кој во среда го слави својот 60-ти роденден, даде интервју за „Ил Џорнале“ во кое зборуваше за својата играчка кариера, чекорите во тренерската професија и времето во Серија „А“ и репрезентацијата.

Манчини, кој ги предводеше „азурите“ до титулата на Евро 2020, поднесе оставка како селектор на националниот тим во летото 2023 година, а потоа беше заменет од Лучано Спалети. Тој ја презеде функцијата селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија веднаш по заминувањето од Италија, но го раскина неговиот договор на крајот на октомври 2024 година.

-Заминувањето од репрезентацијата на Италија беше грешка и не би ја повторил, рече Манчини за времето поминато со „азурите“ во интервјуто.

Според извештаите во печатот, стручњакот имал профитабилен договор во Саудиска Арабија, но тренерот тврди дека не заработил толку колку што пишуваат медиумите и истакна дека парите биле секундарен фактор во неговата одлука да ги напушти „азурите“.

-Не негирам дека за тренер, понуда за толку висока сума, дури и пониска од онаа што се пишува во весниците, ве става во тешка позиција. Но, тоа не беше пресудно. Имаше влијание, но не само поради таа причина ја напуштив репрезентацијата, изјави Манчини.

Италијанецот откри дека би се согласил да ја преземе Рома доколку Римјаните му ја понудиле работата. Сепак, „волците“ избраа да го назначат Клаудио Раниери на привремена основа.

-Немаше контакт за работата во Рома, немаше повици до мојот агент. Ако условите беа добри за проектот, ќе се согласев, рече тој.

- Реклама -