„Она што можам да ви го кажам како министер е дека факт е дека администрацијата беше и сé уште е партизирана. Десет години клуч за вработување во администрацијата беше партиската книшка“, рече министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, во вчерашното гостување во „Click Plus“ на ТВ 21.
Тоа е главната причина, според него, што институциите се полни со неквалификуван кадар.
„Претходната владејачка гарнитура направи што направи, и сега тие се луѓето кои ги имаме во институциите. Да бидам искрен, дел од нив се врвни професионалци и си ја работат својата работа… (Но) она што сега се случува, е дека ние, особено во делот кога зборувам дека ни фалат луѓе, го немаме повеќе луксузот да гледаме партиска припадност, затоа што немаме веќе висококвалификуван кадар во Македонија кој е останат тука или е останат невработен, а би работел за административна плата“, оценува министерот.
„Конкретно во мојата област – информатичкото општество, сега не само симпатизер на опозицијата, туку и Марсовец ќе примам ако најдам електроинженер кој ќе дојде за таа плата да работи во јавниот сектор“, заклучува Манчевски.
Дали?
Иако никој нормален не би го порекнал првиот дел од изјавата на Манчевски – дека администрацијата била и е партизирана, сигурни сме дека многумина, особено меѓу младите, ќе имаат забелешка за вториот дел; Имено, можеби проблемот не е дека во Македонија воопшто не останал висококвалификуван кадар кој би работел во администрација, туку проблемот е во тоа што тој кадар што останал е непартиски и доволно разочаран за воопшто да не конкурира во администрација – токму поради фактот што години наназад условот за вработување во институциите беше и е партиската книшка.
Со други зборови, можеби институциите треба да поработат на тоа да го уверат тој преостанат, но и младиот иден кадар кој сé уште не заминал, дека времето на партизација во институциите е поминато. Тогаш можеби однекаде и ќе изникне тој електроинженер кој би работел во администрација. Но сигурно министрите имаат паметни советници што ќе им го кажат ова, нели?